
2 кола не делат од крајот на оваа календарска година, дуел со Чезена во гости и дуел на домашен терен против лече, во натпревар кој се игра на 21 декември поради првичното одлагање на првото коло во Италија поради штрајкот на фудбалерите.
Ситуацијата во која се наоѓа нашиот Интер не е ни малку лесна, но конечно после долг период може да се каже дека се гледа светло на крајот од тунелот. После катастрофалната календарска година, после смената на 3 тренери во истата, после големиот број на порази кои беа срам за реномето на Интер, конечно Интеристите можат да се надеваат на промена.
Ќе започнеме со првиот тренер кој не поведе оваа сезона, односно човекот кој стана првиот тренер во историјата на клубот кој не победил ниту еднаш на официјален натпревар - Џан Пјеро Гасперини. Гасперини ветуваше многу, но оствари малку, после секој натпревар велеше дека нешто недостига, но никогаш не ја пронајде вистинската тактика. Фамозната 3-4-3, не само што не профункционира на теренот туку влијаеше и на играчите, пред се на лидерот на тимот Снајдер, кој беше приморан да игра на поинаква позиција од природната. Од петте официјални натпревари, Гасперини забележа дури 4 порази, а единствен натпревар во кој не загуби е нерешениот со Рома (0-0). Интер под Гасперини прими 10 погодоци, а постигна само 5, што е поразителен фактор ако се спомене дека во последните 5 натпревари на Леонардо како тренер на Интер постигна 10, а прими само 5. Во тие натпревари Интер забележа 4 победи и едно реми. Повредите кои ги заработија играчите под водство на Гасперини, беа дополнителен проблем кој го наследи Раниери од него. Почнувајќи од Вивиано кој се оддалечи 6 месеци од терените, до Тиаго Мота, Снајдер, Маикон, Лусио, Ранокиа, Кутињо и многу други кои не успеаа да врзат повеќе од 2 натпревари во низа, а некои од нив, како Форлан и Поли, воопшто да не играат. Во моментот кога Гасперини го напушти Интер, тимот се наоѓаше на 17-тото првенствено место, и на последната 4-та позиција во групата во ЛШ.
Преземањето на Раниери на Интер дојде како олеснување за фановите на Интер, кои за разлика од "чудните" формации на Гасперини, сега барем можеа да се надеваат на постабилна одбрана, а со тоа и подобри резултати. Раниери е познат како конзервативен тренер, кој повеќе обрнува внимание на одбраната, и како таков, не треба да не чудат резултатите. Тој во краток период успеа да поправи големи проблеми, почнувајќи од одбраната, каде што првпат после февруари Интер успеа да го сочува голот на 2 натпревари во низа, до клучните победи кои донесоа стабилност во тимот. Девет победи во двете натпреварувања и 5 порази меѓу кои и ремито со Аталанта и Трабзонспор. Анализирајќи ги овие натпревари, лесно се забележува прогресот на тимот, односно дека поразите кои ги претрпе Интер се во стартот на делувањето на Раниери, односно периодот кога сеуште имаше големи проблеми со повредени играчи, како и фактот што сеуште не го познаваше комплетно сопствениот тим. Последните 5 натпревари на Интер му донесоа на тимот 12 бода од можни 15, доволно за поместување од цели 11 места нагоре на табелата, за 6-ата позиција, која е добредојдена во вака тешки периоди, и на само -10 од првопласираните Јувентус и Удинезе. За потсетување, лани имавме -14 од првопласираниот Милан во овој дел од сезоната. А првото место во групата, загарантирано уште во петтото коло, и фактот дека ќе ги одбегнеме двата најсилни клубови во светот, Реал Мадрид и Барселона, ни носи смиреност во ждрепката која не очекува во петок.
Одбраната е горе-долу, поправена. Средината, исто така може да се каже дека е во ред, Камбиасо - Мота се стабилни, а младите играчи како Фараони, Оби, Алварез и Кутињо влегуваат во форма, прераснуваат во големи играчи.
Сепак, проблемите во нападот сеуште постојат. Враќањето на Форлан, а подоцна и на Снајдер, две движечки сили, чија креативност е на високо ниво, може да значи и враќањето на напаѓачите и нивната форма. Со повеќе шанси доаѓаат повеќе голови, со повеќе голови расте самодовербата, а со тоа и нивото на играта. И секако, Интер се качува на табелата.
Форлан за само 10 минути во вчерашниот натпревар ја покажа својата класа. Можеби повредата му беше благослов, да се опорави од Копа Америка каде го доведе својот Уругвај до титулата а беше и најдобар играч, заедно со својот соиграч Луис Суарез. Можеби таа повреда му даде време да се навикне на животот во Италија, на својот нов дом, и на Интер. Ако тука се додаде и враќањето на уште еден витален дел од нападот, Маикон, тогаш, се е јасно. Нема потреба од повеќе објаснување.
Тука е и судискиот фактор. Според новинарите во Италија, Интер е најоштетениот клуб во досегашниот дел од сезоната, во која има изгубено најмалку 7 бодови. Не мора да ги напоменеме сите судии и сите натпревари на кои не оштетија, доволно е да го кажеме само името на Џанлука Роки, кој беше критикуван од сите медиуми, како италијански, така и странски, дури и оние кои се анти-Интер. Роки доби суспензија, се врати, судеше на натпреварот Болоња - Милан, и повторно доби суспензија. Срамота за италијанскиот фудбал воопшто.
Следно, дополнително радува фактот што најголемиот дел од играчите конечно почнуваат да се опоравуваат од повредите, а до крајот на оваа година (доколку нема непредвидени повреди), се очекува комплетен состав без ниту еден повреден играч. Паузата која следува од 21 Декември (Интер-Лече) до 8 јануари (Интер-Парма) е најдоброто нешто што го чека Интер. Морати вети божиќни подароци, нови играчи, кои дефинитивно ќе ги има. Покрај тоа, Интер има точно 17 дена да ги помине во тренинг центар каде што ќе се консолидира, ќе изгради тимска атмосфера која се изгуби уште во времето на Бенитез, а секако најважно од се е тактичкото подготвување на комплетниот состав од страна на Раниери за многу подобра пролет за Интер. Микс на искуство и младост, таленти пред кои предстои светла иднина, а учат од најдобрите.
Теоретски Интер сеуште има шанси за високи дострели оваа сезона, првото место во Италија, трофеј во Лигата на шампионите (иако многумина ќе речат дека тресеме глупости, дека ниту Интер ниту вечно вториот Раниери имаат капацитет за 3-тото место, или пласман во последните 8 во ЛШ). Факт е, периодот на транзиција е тежок, но сепак ветува светла иднина за Интер. Факт е, не сме толку добри како во 2010, но сепак имаме тим за високи дострели. Факт е, се е против нас, но ние, како луди Интеристи имаме доверба во својот клуб, го подржуваме во добро и во лошо, и без разлика колкава е разликата, Pazza Inter може да ја стигне!
И за крај, мал поздрав, не се откажувајте никогаш: и порано сме биле во вакво лошо издание, потсетете се на времето пред 2006. Оваа година по првите 14 одиграни натпревари имаме повеќе поени од 2004/2005 година.
| < Пред | Следно > |
|---|



