Нападот на Интер е најслабиот дел од тимот оваа сезона, и местото за кое имаше најмногу шпекулации за трансфери кои доаѓаат но и за играчи кои си одат.
Џампаоло Пацини, засега најпрецизниот во составот на Интер има "неверојатни" 6 гола, што за тим кој би сакал да војува на сите 3 фронта изгледа навистина смешно. Без разлика на лошата статистика во овој дел од сезоната, Пацини покажа дека има способности да биде дел од првиот тим, но исто покажа дека без квалитетен плејмејкер позади него или добри нафрлени топки, Пацини исто како да не игра на теренот. Неговата иднина е стабилна и не само што Интер не сака да се откаже од него, ниту новинарите не се осмелуваат да го поврзат со трансфер. Со враќањето на Весли во првиот тим Пацини ќе покаже што значат неговите голови.
Вториот на листата е Диего Форлан, Уругваецот премина за многу мала сума уште во летото, ја немаше таа среќа да одигра повеќе од еден натпревар под Раниери поради лошата повреда, но откако се врати, во двата последни дуела самиот на теренот покажа многу поголема снаодливост на теренот отколку двајцата стартери кај Интер, Пацини и Милито. Според многумина повредата не беше толку лоша за него, во овој период Форлан се навикна на животот во Италија што е многу поважно, и токму истото го покажа на последните 2 натпревари. Форлан останува во Интер иако во последните 2 дена, медиумите пласираа извонредна шпекулација, дека токму тој ќе биде замената за повредениот Давид Виља во Барселона.
Мауро Матиас Зарате. После проблемите во Лацио дојде како позајмен играч во Интер. Клаузулата која го обврзува да биде поголем асистент отколку голгетер како да му ги врза нозете, ретко кога видовме силен шут од него или фантастичен пробив. Според многумина Зарате ќе ја доврши оваа сезона во Интер, но на крајот нема да има продолжување на договорот, по што ќе се врати во Лацио. Дел од фановите се против заминување и веруваат дека во вториот дел од сезоната, доколку Раниери му пружи поголема минутажа и барем му дозволи да врзи 2 натпревари во низа, Зарате ќе блеска. Едно е јасно, најмногу зависи од Зарате, а доколку сака да остане, време е да тресе мрежи.
Лук Кастањос, талент има, желба има, но минутажа против Милито, Форлан и Пацини нема. Раниери кој важи за старомоден тренер повеќе сака да се потпре на искуство отколку на млади играчи. Кастањос постигна 1 гол, кој во дуелот со Сиена важеше 3 бода, нешто што не можеа да го направат Милито и Пацини во целиот дуел. Сепак ако Интер се одлучи да донесе напаѓачи во оваа зима, тогаш Кастањос со голема веројатност ќе оди на позајмица. Новара, Болоња, Парма, Сиена и Чезена веднаш би го примиле кај нив, макар и на само 6 месеци до 1 Јуни. Според последниот разговор на новинарите со менаџерот на Кастањос, Карим Ел Атман, трансфер на Кастањос нема да има, и техничкиот кадар не сака никаков трансфер за него.
Диего Милито, принцот на Интер кој кумуваше на триплетето, ја покори Италија и Европа, а потоа Бенитез се погрижи со своите исцрпувачки методи да избрише се од неговата меморија. 2 гола во еден дуел, потоа пауза 5 натпревари со патетични игри, а потоа повреда и враќање со патетични игри. Тоа е Милито од септември 2010 и сеуште не се промени, фановите го чекаат и имаат трпение за својот херој. Ситуацијата со него е сложена, се споменува јануарски трансфер од скоро сите весници, а целта е ПСЖ. Техничкиот кадар сеуште преку интервјуа изјавува дека нема да има трансфер и дека Милито останува, но Јануари ќе каже се. Голема е веројатноста Милито да замине, а доколку остане неговата минутажа ќе биде многу мала со оглед на растечката форма на Форлан и неговата која пропаѓа од натпревар во натпревар.
Влезни трансфери.
Имиња на напаѓачи кои се поврзуваат со Интер има многу а Тевез и Лавеци се најспоменуваните меѓу нив.
Трансфер на Тевез во Интер нема да биде чудо, Интер го бараше и пред да премине во Јунајтед и пред да премине во Сити, но неуспешно. Тевез во Јануари дефинитивно ќе замине од Сити поради лошите односи со Манчини и клубот. Милан и Интер се најсериозни за трансфер, Милан веќе започна некакви преговори за кои се зборуваше дека барале позајмица но Сити сакаат целосен трансфер, што ги прекинало преговорите. Интер е загреан за него и би го трансферирал во тимот со оглед на лошата ситуација во нападот, но парите се проблем, Интер не сака да "истури" големи средства за него па ќе оди на некаков договор со Сити. Според последните информации претседателот Морати лично го контактирал Манчини за Тевез, што за нас фановите значи дека ќе слушнеме уште многу шпекулации за овој трансфер до 31 јануари.
Лавеци игра во животна форма, заедно со Хамшик и Кавани се убиствено трио кое во група со Баерн и Сити поминаа до последните 16, спомнување на зборот трансфер и Лавеци во една реченица беше невозможно до пред еден месец, но не и сега. Благодарение на неколку ситуации и добра новинарска фантазија, Лавеци е веќе во Милано пред потпис. Како дојде до оваа ситуација? Едноставно, во текот на минатата недела кога Варгас го одбра Наполи пред Интер, за новинарите значеше намерно попуштање на Интер од дуел со Наполи за играчот само за Лавеци на лето да дојде во Милано. Потоа следеа и неколку мафијашки напади по играчи на Наполи во кои не беше поштеден ниту тој, кога на неговата бремена сопруга и бил ставен пиштол на стомахот, па оттука и дека Лавеци е разочаран од Наполи и сака промена на средината. Иако трансфер на Лавеци било каде надвор е чудо поради тешките натпревари кои доаѓаат и дуелот со Челзи во ЛШ, сепак новинарите не отстапуваат, па денес објавија дека 15 милиони евра плус договорот на пандев во замена за Лавеци е клучот за зделката.
Нападот на Интер е местото каде што сигурно ќе има ново име во Јануари, а според медиумите поклонот на Морати за фановите е токму тоа, напаѓач од светски размери.
!joomlacomment 4.0 Copyright (C) 2009 Compojoom.com . All rights reserved."
| < Пред | Следно > |
|---|



