
Естебан Камбиасо ја започнува својата кариера со Аргентина јуниорс а една година подоцна експресно е откупен од Реал Мадрид кој го препознава неговиот талент и го дава на позајмица во аргентинските клубови Индепендиенте и Ривер Плата. После успешните игри низ Аргентина оди во Реал Мадрид каде како стандарден првотимец ги освојува шпанската лига, УЕФА супер-купот, Интерконтиненталниот куп и шпанскиот супер-куп. Во 2004 неговиот договор со Реал Мадрид истекува и Камбиасо се приклучува на нероазурите каде го достигнува врвот на својата кариера. Со своите 153 настапи и 20 гола Камбиасо е една главните алки во тимот и носител на играта во екипата. Високо е ценет како од своите колеги така и од своите противници. Во својата богата кариера како интериста ги додава уште четирите Скудета, два Купа на Италија и три супер-купови на Италија. На Интернационално ниво Камбиасо е еден од стандардните првотимци на Аргентинската репрезентација и еден од нејзините предводници.
Дејан Станковиќ е сестран играч кој може да игра како напаѓач но и како дефанзивен среден играч. По освојувањето на се што може да се освои со Црвена Звезда во неговата држава, спрскиот фудбалер се приклучува на Лацио на 19 годишна возраст. Станкович се приклучува на Интер со само 10,000 одиграни минути во Сериа А и 52 гола позади неговото име, и заедно со Адриано беше од големо значење за Интер во втората полусезона во 2003/2004 година. По доаѓањето на Жозе Мурињо на клупата на нероазурите не беше воопшто во плановите на новиот тренер, но побара можност да се докаже и на најдобар можен начин ја искористи.
Тиаго Мота е роден е во Бразил и израснат во Сао Паоло. Се пробива низ младинските редови на Јувентус а неговата професионална кариера ја продолжува во каталонскиот гигант Барселона во нејзините резервни состави, каде се истакнува со своите способности и набрзо се префрлува во првиот тим на Каталонците. Неговиот живот во Барселона е одбележан со многу инциденти и повреди кои често го тргале надвор од терените дури и по неколку месеци, па затоа управата на Барселона го продава на Атлетико Мадрид каде исто така не успева да блесне. После трансферот во Џенова во летото 2008 работите конечно почнуваат да се одвиваат како што треба а Мота покрај Диего Милито е еден од лидерите на Џенова и еден од најконзистентните играчи во тимот. Неговиот начин на игра го привлекува тренерот на Интер Жозе Мурињо кој експресно го повлекува во Интер. Мота е носител на две шпански титули ,два шпански трофеја во купот и еден сребрен трофеј од Лигата на шампиони.
Сулеј Мунтари се приклучува на Интер од Премиерлигашот Портсмут, потпишувајќи 4 годишен договор . Со Портсмут го освои ФА Купот во 2007/2008-ма. Интернационалецот од Гана не е првпат во Италијанскиот фудбал. Тој помина 5 години во Удинезе играјќи за резервите во првата сезона пред да влезе во првиот тим. Мунтари бил изгласан за All Star играч за време на Африканскиот куп на нации во 2008-ма година.
Филипе Кутињо е надежта на Интер, барем така изјави Рафаел Бенитез. Младиот Бразилец беше откупен од Интер уште во 2008 година од Васко де Гама, но во Милано пристигна оваа година. Масимо Морати по продажбата на Балотели изјави дека Интер нема за што да се грижи, бидејќи талентите како Кутињо ветуваат многу за клубот. Филипе е играч од средниот ред со напаѓачки афинитети, а веќе импресионираше на подготвителните натпревари ова лето. Своето деби за Интер го имаше на европскиот Супер Куп, а дебито во Сериа А беше на натпреварот против Болоња, кога влезе на местото на Пандев.
Рикардо Габриел Алварез. Треквартиста, крило, втор напаѓач, централен среден ред. Позицијата на играње воопшто не е битна за Алварез. Голем талент на Аргентинскиот фудбал за кој Интер издвои најмногу средства, дури 11 милиони евра за да го доведе во своите редови, за што мораше буквално да се бори со Арсенал. Брзо се прилагоди на условите во Италија и составот на Интер, дава огромен придонес за тимот во сите натпревари а неговата пожртвуваност најмногу ја изрази против Милан во суперкупот. Алварез е сеуште млад за да се вброи во светските имиња, но дефинитивно се движи во тој правец.
Андреа Поли. Ако нешто на Интер не му недостасува тоа се млади играчи со огромен талент. Откако успеа да ги донесе во своите редови Кастињос и Алварез кои важеа за најзвучните младински имиња на Холандија и Аргентина, тогаш мораше да го земе и Италијанецот кој најмногу ветува Андреа Поли. 19 години а веќе има 53 настапи во Серија А, најдобриот млад играч на Италија за сезоната 2009-2010, а сигурно ќе беше и изминатата доколку не го мачеа повредите, Андреа Поли е играч кој ќе ја осигура иднината на Интер и ќе го подмлади средниот ред.
Џоел Оби. Академијата на Интер секогаш носела таленти за Италијанскиот фудбал. Џоел Оби кој доаѓа како дел од неа беше играчот кој најмногу импресионираше во текот на летото и го заслужи првотимскиот статус. Иако во Интер има големи имиња како Камбиасо, Станковиќ и Весли Снајдер, Оби не го смета тоа за проблем, па брзо се наметна кај Гасперини и започна да ужива голема доверба за што и доби стартерска позиција во Суперкупот во Пекинг во кој блесна и во текот на целата игра не ја остави одбраната на Милан да здивне.
Лоренцо Крисетиг. Роден е во 1993, и сеуште нема полни 18 години, а веќе се наоѓа во првиот состав за следната сезона. Крисетиг е дел од интеровата академија и оваа сезона има голема шанса да покаже што знае пред фановите на Интер и Гасперини. Шансата е тука, Крисетиг ќе има шанса да ја зграпчи.



