Интер успеа да се врати во трката за скудетото со победата во градското дерби, и сега ќе се обиде уште повеќе да ја намали бодовната разлика со водечките.
По катастрофалниот старт под водство на Гасперини, промената на клупата му донесе подобри денови на клубот. Победничката серија од пет натпревари беше продолжена и против Росонерите а Диего Милито се враќа на старите патеки.
Неразурите играа одлично во одбраната и во целата победничка серија имаат примено само еден гол. Со шест бодови зад Јувентус на средина од сезоната, имаат реални шанси за атак на скудетото.
Најголемата тактичка дилема на Раниери претставува изборот помеѓу тукушто опоравениот Снајдер и се подобриот Рики Алварез, но можно е да играат и двајцата позади еден напаѓач. Тијаго Мота е суспендиран а Форлан повторно се повреди. Се надгледува ситуацијата со Дејан Станковиќ.
Лацио забележа лесна победа во минатото коло дома против Аталанта. Хернандез и Клосе го вратија тимот на победничките патеки по катастрофалното гостување во Сиена. Победата им беше само четврта на домашен терен во оваа сезона. Нивната сила е на гостински терен каде имаат најдобар скор заедно со Јувентус и Милан. До дебаклот во Сиена беа непоразени на гости.
Со 14 постигнати голови на гости само Милан има подобар скор од нив, а небесно-сините ќе се обидат да ја продолжат серијата и на Џузепе Меаца.
Еду Реја има главоболки со подготвеноста на неговите фудбалери. Хернандез, Андре Диас, Кана и Козак се неизвесни, додека Стефано Маури дефинитивно го пропушта дуелот.
Играч на кој треба да се внимава: Диего Милито - Аргентинецот ја враќа својата форма и повторно е смртоносен за противниците. Можеби „златната канта“ беше престрога и секако дека тој ќе се обиде да го докаже тоа и против Лацио.
Статистика: Лацио го нема совладано Интер на гости од трилерот во 1998 кој заврши со резултат 3:5. После тоа следуваа 6 нерешени средби, а по нив 6 победи за Интер.
Можни состави:
Интер: Цезар, Маикон, Лусио, Самуел, Нагатомо, Занети, Поли, Камбиасо, Алварез, Снајдер, Милито
Лацио: Маркети, Џаките, Заури, Биава, Раду, Матузалем, Гонзалес, Ледесма, Лулиќ, Клосе, Роки
Натпреварот започнува во недела во 20.45.
| < Пред | Следно > |
|---|



